„Очекуваме официјален одговор зошто на нашите дипломати не им беше дозволено да се сретнат со руските патници во авионот“, изјави во петокот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
На 10 октомври турски борбени авиони Ф-16 пресретнаа сириски Ербас А320 кој леташе над турскиот воздушен простор и го придружуваа до аеродромот Есенбога во Анкара.
По полетувањето од Москва, во авионот наводно имало 35 патници, меѓу кои и 17 руски државјани.
Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу рече дека одлуката е донесена врз основа на информациите дека авионот можеби носи „одредена опрема што ги прекршува правилата за цивилна авијација“.
Премиерот Реџеп Таип Ердоган подоцна рече дека приземјениот авион содржел „опрема и муниција испратени за сириското Министерство за одбрана од руска институција“.
Сириското Министерство за надворешни работи ги отфрли тврдењата на турскиот премиер, велејќи дека Ердоган „продолжува да лаже за да го оправда непријателскиот однос на неговата влада кон Сирија“.
Турските власти дозволиле авионот и неговите патници да ја напуштат Анкара девет часа по слетувањето, но заплениле делови од товарот.
Во меѓувреме, Москва ја осуди Анкара за загрозување на животите на патниците на летот испраќајќи борбени авиони да принудат авионот да слета.
Исто така во петокот, Лавров истакна дека „Се разбира, немаше оружје во авионот и не можеше да има. Во авионот имало товар што легален руски добавувач го испраќал на легален начин до легален клиент“.
Шефот на дипломатијата додаде дека руската компанија која го испратила легитимниот товар „електрична опрема за радари“ во Сирија, ќе побара од Турција да го врати.


